
КОНСОЛИДАЦИЈА И ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ЦРКВАТА СВ. БОГОРОДИЦА ВО ДРЕНОВО И СТАРАТА ЏАМИЈА ВО РАВЕН
Градбите на културно историските објекти претставуваат масивни ѕидани конструкции со релативно мала дуктилност , заради што во минатото биле оштетени од влијанија од земјотреси и слегавање на темелната основа. Од огромно значење е нивната заштита, консолидација на постоечките конструктивни и архитектонски елементи , а со цел обезбедување на подолготрајна и континуирана егзистенција на културните добра. Како соодветно ниво на заштитна интервенција е примена на минимални конструктивни мерки кои во целост ќе го почитуваат архитектонско конструктивниот концепт на недвижното добро , односно истите нема да ја нарушат неговата културно историска, архитектонска и уметничка вредност.
Во трудот се анализирани конструкциите на недвижното културно добро средновековната црква Св . Богородица , с. Дреново - Кавадарци и Старата џамија во с. Равен Гостивар , за кои е утврдена актуелната физичка состојбата, видот и обемот на оштетувањата За да се постигне што е можно поголема компактност и униформност на конструкцијата на црквата , покрај конзерваторско реставраторските интервенции, паралелно се предлагаат и соодветни мерки за консолидација и зајакнување армирање на хоризонтални фуги, ињектирање и префугирање на фуги Поради можноста за интервенција на фасадните ѕидови , за Старата џамија применети се мерки за зајакнување со современи композитни материјали и ињектирање.
Со примена на горенаведените мерки за консолидација и зајакнување и извршената контролна статичка и сеизмичка анализа , се констатира дека објектите поседуваат потребен капацитет на носивост и стабилност за гравитациони експлоатациони товари и сеизмички товари.
