ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО СКОПЈЕ ОД 1963: АНАЛИЗА НА ОШТЕТУВАЊА НА ОБЈЕКТИТЕ

2025-01-20 12:00:00

Главната цел на проценката на сеизмичката повредливост на постоечките објекти после случен земјотрес е да се изврши класификација на објектите, да се проценат оштетувањата и загубите, како и детално да се анализира просторниот распоред на сеизмичките параметри кои доведоа до таквите оштетувања. Таков беше случајот со скопскиот земјотрес со M6.1 од 1963 год. кој предизвика големи човечки жртви и материјални оштетувања на објектите од високоградбата. Веднаш по земјотресот, ‘Заводот за испитување на материјали при Техничкиот Факултет - Скопје’ и сличните институти од поранешна СФРЈ добиja задача да изработат техничка документација за проценка на штетите и соодветни анализи. Формирани се експертски комисии со цел собирање на статистички податоци за оштетувања на објектите и нивна класификација согласно степенот на оштетување и конструктивниот систем. Оваа документација, зaедно со искуствата и прописите од други држави, потоа се искористи во припрема на новите технички прописи за градење од 1964 год.
Основна причина за рушење на поголемиот дел од објектите за време на скопскиот земјотрес е дека истите биле проектирани да издржат само вертикални гравитациони товари, додека отпорноста на попречните влијанија од сеизмичките сили била генерално занемарлива. Дел од објектите кои биле проектирани за дејство на ветер претрпеле помали оштетувања. Најчести оштетувања и рушења се забележани кај објекти со конструктивни системи од масивна ѕидарија со носиви ѕидови од тула, кај објекти со слаби хоризонтални и вертикални врски помеѓу носивите елементи, кај мешовити градби од ѕидарија и слабо армирани а.б. столбови со мали димензии на попречни пресеци. Слабиот квалитет на вградените материјали и лошиот квалитет на изведбата и одржувањето на објектите допринесоа до додатно слабеење на носивоста на конструктивните системи. Целта на овој труд е да прикаже дел од анализите и соодветната техничка документација за проценка на сеизмичката повредливост на објектите од високоградба по катастрофалниот скопски земјотрес.